СТЕРИЛИЗАЦИЈА НА КУЧКИ И МАЧКИ

Многу прашања со кои се среќаваме во нашата амбуланта се поврзани со дилемата околу стерилизација на женките. Сопствениците не прашуваат дали е неопходно да ги парат кучките или мачките, како стерилизацијата делува на здравјето и карактерот на нивните миленици, колку пати треба да се пари женката за да биде здрава итн.


Што е стерилизација?

Под стерилизација се подразбира целосно хируршко одстранување на матката и јајниците на женката во општа анестезија.


Здравствен аспект на стерилизацијата

Стерилизацијата се препорачува како превентива на болестите на млечните жлезди и репродуктивните органи кои се многу застапени кај кучките и мачките, како и кај животни заболени од болести кои не се поврзани со репродуктивниот тракт, на пример кај оние животни заболени од дијабетис.


Превентивна заштита на млечните жлезди

Докажано е дека доколку кучките и мачките се стерилизираат пред или по првиот циклус, животните се 100% заштитени од појавата на тумори на млечните жлезди .Важно е да се нагласи дека туморите на млечните жлезди се многу чести кај кучките ( 60-70% од туморите се малигни додека кај мачките дури 95% од туморите на млечни жлезди се малигни).За да се заштити миленикот од појава на тумори, најдобро е да се стерилизира женката пред или по првиот еструс или да се пари на секој нареден циклус или на секој втор.Едно парење нема никакво влијание врз превентивна заштита од појава на тумори.


Превентивна заштита на репродуктивните органи

Најчесто заболување на репродуктивните органи кај женката е пиометра (гнојно воспаление на матката) и преставува сериозно заболување кое доколку навремено не се дијагностицира и третира има фатален исход. Иако се нарекува гнојно воспаление на матката, причинител на оваа болест во најголем број на случаеви не е инфекција туку дисбаланс на полните хормони во организмот на женката.Со стерилизација женките во целост се заштитени од повторно заболување, болести на репродуктивните органи како што се тумори на матката или јајниците, појава на лажна бременост кај кучките која е проследена со појава на млеко во дојките и појава на маститис (воспаление на млечните жлезди).Кога стерилизацијата се врши превентивно, се оперира потполно здраво животно и преставува еден рутински оперативен зафат, но доколку животното е заболено од некои од наведените болести , нејзиниот организам е ослабен и исцрпен тогаш стерилизацијата преставува операција од висок ризик.


Влијание на стерилизацијата на однесувањето на животните

По извршената стерилизација во однесувањето на женките не доаѓа до големи промени.Женките кои биле добри чувари остануваат и понатаму добри чувари, женките и мачките кои биле добри ловци остануваат добри ловци, оние женки кои сакале игра и биле дружељубиви остануваат такви.Промени во однесувањето може да се забележи кај оние женки кои ќе се здебелат па поради тоа стануваат мрзливи и неактивни.Метаболизмот на стерилните женки е спор поради недостаток на полни хормони но доколку сопственикот контролирано ја храни стерилизираната женка дебелината може многу лесно да се избегне. За сега не постои параметар кој би ни покажал како парењето делува на психичката состојба на животното и дали со скратување на потомството се менува нивната состојба.Некои женки покажуваат желба за парење и добри се мајки, а некои не сакаат да се парат, не се заинтересирани за потомство дури и се агресивни кон нив.

Кај безбомните кучки и мачките стерилизацијата е важен метод за контрола на создавање на потомство.

Наша препорака е сопствениците кои не сакаат да ја парат својата кучка или мачка, би требало да ја стерилизираат по првото терање како превентива за одредени болести.Додека сопствениците кои сакаат да ги парат своите миленици, стерилизацијата треба да се изврши по завршување на репродуктивниот период.

Женките кои боледуваат од дијабетис, епилепсија, болести на штитните жлезди итн не треба да се парат туку веднаш да се стерилизираат како дел од третманот на овие болести.